The Stars Symphony – првиот концерт на Градскиот стадион во Битола
3 јули 2024 · Градски стадион „Петар Милошевски“, Битола
На 3 јули 2024 година, за првпат на Градскиот стадион во Битола се одржа концерт. The Stars Symphony собра повеќе од 5.000 посетители и музичари од Македонија и странство, со програма која траеше повеќе од седум часа. Со овој настан беше отворено Битолското културно лето „Битфест“.
Зад проектот стоеше Камерниот оркестар на Битола, денес Битолски Оркестар DIVA, во соработка со Општина Битола. Подготовката на концерт на стадион беше ново искуство и голем предизвик за нашиот тим: многу изведувачи, различни програми, оркестарски аранжмани и настапи што требаше да се подготват за една долга вечер.
На The Stars Symphony настапија Каролина Гочева, Констракта, Schiller, Pig&Dan, Суперхикс, Паркети, Brass Brothers, Love Itoya и Наде Талевска, заедно со Камерниот оркестар на Битола. На едно место се слушаа поп, рок, ска, електронска и оркестарска музика, а секој настап донесе нешто свое.
Посебен момент беше настапот на Каролина пред публиката во нејзиниот роден град. „За нас“, „Се лажам себе“, „Хипокрит“, „Немир“, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Ајде да летаме“ и „Умирам без тебе“ беа дел од песните што таа вечер се пееја на стадионот. Во придружба на оркестарот, публиката ги слушна овие добро познати песни во поинаква изведба.
Констракта настапи со својот препознатлив стил, а Суперхикс на битолската сцена ја продолжија прославата на 30 години постоење. Тука беа и Паркети и Brass Brothers, како и Love Itoya и Наде Талевска. Со Schiller и Pig&Dan, вечерта доби и електронска програма која беше важен дел од долгиот концертен распоред.
За нас, овој концерт беше можност да работиме со многу различни музичари и да го претставиме оркестарот пред публика која можеби првпат доаѓаше на наш настап. Токму таквите средби се важен дел од нашата работа: некој доаѓа за својот омилен пејач или бенд, а си заминува со желба повторно да слушне концерт со оркестар.
Денот започна и со активности за децата. Во соработка со IWConnect беше организирана детска мини-олимпијада, пред почетокот на музичката програма. Така, на стадионот имаше посетители од најразлична возраст, од семејства со мали деца до публика која остана на концертот до доцна по полноќ.
The Stars Symphony има посебно место меѓу нашите проекти. Го паметиме по првиот настап на стадион, по месеците подготовка, по музичарите со кои ја делевме сцената и по илјадниците луѓе што дојдоа. Тоа беше голем чекор за оркестарот и вечер која покажа колку Битола сака и поддржува музика во живо.
Снимки
Други проекти
Сите проекти →„Златно Славејче – 55 години игра, песна, историја“
Некогаш ги пееја како деца. Денес се враќаат на сцената за повторно да ги отпеат своите безвременски хитови. Со Оркестар ДИВА, оригиналните изведувачи на…
Rock Symphony
- Последна изведба
- 2018
Јонче Христовски Симфонија
- Последна изведба
- 2023


