Тринаесеттото издание на „Виена во Битола“ ќе се одржи на 23 декември, во 19 часот, во Центарот за култура Битола. Оркестар DIVA ја продолжува празничната концертна традиција под диригентство на Владимир Димовски.
Програмата повторно ќе ја донесе атмосферата на виенската музика пред битолската публика. Концертот е дел од новогодишниот календар на оркестарот и една од неговите редовни средби со градот.
Идеја што стана традиција
Идејата на Владимир Димовски е свечената атмосфера на виенските новогодишни концерти да се доживее во Битола, со сопствениот оркестар. Новогодишните концерти од Виена секоја година ги следат милиони луѓе ширум светот, а „Виена во Битола“ го носи тој дух во нашиот град, во живо, со музичари што ги познаваме и сакаме.
Низ годините, таа замисла добиваше различни изведби со опера, хор и балет, со валцери, полки и оперетски мелодии. Секое издание носеше нови солисти и нови соработници, а публиката го прифати концертот како дел од своите празници. Изданијата во последните години беа распродадени, а концертот стана една од најочекуваните вечери во декемврискиот календар на Битола.
Тринаесет години заедно
Тринаесеттото издание е продолжение на таа традиција. Тринаесет години значат тринаесет декемврии во кои Битола ја испраќала годината со музика, со валцери и со чувството на заедништво што го носи празничниот концерт.
Инспирирано од Виена
Проектот е инспириран од новогодишните концерти на Виенската филхармонија. Низ годините Владимир Димовски изгради декемвриска традиција во која се среќаваат оркестарот, операта и балетот, со валцерите и полките на Јохан Штраус и со оперетските мелодии на Франц Лехар и Емерих Калман. Секое издание има свој карактер, обликуван од солистите, кои доаѓале и од Виена и од македонската оперска и балетска сцена.
Последните изданија
Во 2023 година гости од Виена беа сопранот Ирена Крстеска и мецосопранот Димфна Мејтс, со хорот „Коруновска Арс Нова“ и балетските солисти на Националната опера и балет, предводени од првенката Мими Поп-Алексова. Во 2024 година пееја Билјана Јосифов и Елеонора Џоџоска-Младенова, со балетот на Марија Кичевска, Мими Поп-Алексова и Франсиско Хименез Руиз и мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“, а двете изведби беа распродадени. Во 2025 година, на двете распродадени вечери, настапија Марија Наумовска-Бакреска, гостинката од Србија Јелена Јовановиќ и Тамара Ангеловска, со првенци и солисти на Националната опера и балет и со хорот на КУД „Стив Наумов“, а аранжманите и оркестрацијата ги подготви Владимир Димовски.
Билетите се во продажба во Тобако Димпо во Битола и онлајн на divaticket.com.
Ја каниме публиката повторно да се собереме во Центарот за култура и заедно музички да ја испратиме годината. Ве очекуваме на 23 декември во 19 часот.
Следен концерт
Flowers Symphony 2
Скопје · Македонска Филхармонија · 20:00
Продолжете со читање


