Камерниот оркестар на Битола ќе настапи на 30 декември, во 20 часот, во Центарот за култура Битола. Концертот е дел од празничната програма со која градот ја испраќа годината.
За битолската публика ова е уште една средба со оркестарот во новогодишниот период и можност празничните денови да ги одбележи со музика во концертната сала.
Година на обновена концертна активност
Годината што ја испраќаме за нас беше година на континуитет. Оркестарот ја продолжи својата обновена концертна активност, а секој нов настап беше потврда дека Битола има публика што ја сака и ја следи оркестарската музика. Новогодишниот концерт е природно заокружување на таа сезона и време да им се заблагодариме на сите што беа со нас во текот на годината.
Последните денови од декември се можност повторно да се собереме во концертната сала и заедно да ја испратиме годината. Празничната атмосфера, познатите мелодии и чувството на заедништво што го носи живата музика го прават овој концерт посебен и за музичарите и за публиката.
Традиција што ја градиме заедно
Новогодишниот настап е дел од нашата работа на одржување на оркестарската концертна традиција во Битола и на создавање редовна програма за домашната публика. Сакаме концертите во овој период да станат собир што публиката го очекува секоја година, место каде што семејства, пријатели и колеги ќе ги започнат празниците со музика.
Почеток на една празнична традиција
Новогодишните концерти со годините станаа една од најпрепознатливите традиции на оркестарот. Во соработка со Центарот за култура Битола, декемвриската средба со публиката прерасна во концерт што градот го чека секоја година, а денес таа традиција ја продолжува „Виена во Битола“, со оркестар, солисти, хор и балет. Секоја од тие вечери тргнува од истата идеја како и овој концерт: годината да се испрати со музика, во полна сала, заедно со публиката.
Ве покануваме празничната вечер да ја споделите со музичарите на Камерниот оркестар на Битола. Се гледаме на 30 декември во Центарот за култура.


