„Суперхикс“ со оркестарски звук на „Stars Symphony“

„Суперхикс“ ќе настапат со Камерниот оркестар на Битола на „Stars Symphony“ на 3 јули, во годината кога бендот одбележува 30 години музичка активност.

Објавено 1 мин. читање

Сподели Facebook WhatsApp Е-пошта Линкот е копиран

„Суперхикс“ ќе настапат со Камерниот оркестар на Битола на „Stars Symphony“, на 3 јули. Гостувањето се случува во годината кога бендот одбележува 30 години музичка активност.

Соработката ќе ги поврзе препознатливата енергија на „Суперхикс“ и оркестарските аранжмани. Концертот на Градскиот стадион „Петар Милошевски“ е дел од летната програма на оркестарот.

Три децении енергија

„Суперхикс“ се бенд што со своите песни, хумор и неисцрпна сценска енергија ги обележа концертите и забавите на неколку генерации. Нивните настапи се познати по атмосферата во која публиката не стои мирно, а песните се пеат од првиот до последниот ред.

Јубилејната година на бендот е повод неговата музика да се сретне со поинаква инструментална поставка. Триесет години се долг пат, а прославата на таков јубилеј заслужува нешто посебно. Оркестарот е токму тоа: нова рамка во која познатите песни ќе прозвучат како никогаш досега.

Нови бои за познатите песни

Оркестарската соработка отвора простор препознатливите песни да добијат нови звучни бои, додека ритамот и карактерот на „Суперхикс“ остануваат во средиштето на изведбата. Предизвикот за аранжманите е да ја зачуваат лесноста и духовитоста на нивната музика, а истовремено да ѝ додадат широчина и сила што ја носи оркестарот.

Средба што веќе ја имавме

Ова не е првата средба на „Суперхикс“ со оркестарот. Петар Младеновски – Пеце од „Суперхикс“ беше еден од гостите на „Рок симфонија“ на „Битфест“ во 2018 година, на Ракометното игралиште во Битола. Шест години подоцна, бендот доаѓа на сцената на стадионот во полн состав, во годината на својот јубилеј.

Нивниот настап е дел од разновидноста на „Stars Symphony“, во која различните музички пристапи се поврзуваат во една концертна вечер. Ве покануваме на 3 јули да ја прославиме заедно нивната јубилејна година, на стадионот во Битола.