„Д Бест оф Битола“ на 3 јули во Битола

На 3 јули, во Пациото на Завод и музеј Битола, Оркестар DIVA и битолските изведувачи ја претставуваат „Д Бест оф Битола“, од 21 часот.

Објавено 2 мин. читање

Сподели Facebook WhatsApp Е-пошта Линкот е копиран

Оркестар DIVA го подготвува „Д Бест оф Битола“ за 3 јули во Битола. Концертот е дел од летната програма на ансамблот.

Со овој проект, оркестарот продолжува да ја гради својата концертна понуда околу различни музички жанрови и соработки. Битолската публика ќе има можност повторно да се сретне со симфонискиот звук во летен концертен формат.

Пациото на Завод и музеј

Фестивалската вечер ќе биде во Пациото на Завод и музеј Битола, од 21 часот, со програма најавена до еден часот по полноќ. Овој простор има посебно место во нашата приказна: токму во Пациото, во јули 2013 година, го одржавме концертот „За моја Битола“, со кој започна обновената концертна активност на оркестарот. Враќањето таму со вечер посветена на битолската сцена за нас има посебна симболика.

Битолската сцена на една сцена

Со нас ќе настапат Чоканче, Паркети, Brass Brothers, CODE369, Гром и Бранислав Николов. Секој од нив е дел од музичкиот живот на градот, со свој звук и своја публика, а во оваа вечер сите ќе ја делат истата сцена со оркестарот.

Дел од вечерта ќе биде и „Industrial Symphony“, нашата програма што го носи оркестарот кон современ концертен израз, а по концертните настапи следува диџеј-сет. Така, битолската сцена ја поврзуваме во една вечер со повеќе музички изрази: од оркестарскиот звук и авторските песни на битолските бендови, до електронските ритми што ќе ја заокружат летната ноќ.

Гостите и нашата заедничка приказна

Гостите на вечерта не се нови за оркестарот. Бранислав Николов настапи на рок-вечерта на „Balkan Gala“ во 2021 година, Паркети и Brass Brothers беа дел од „Stars Symphony“ на стадионот во 2024 година, а хитовите на Чоканче прозвучеа на „Македонска рок симфонија“. Тринаесет години по „За моја Битола“, Пациото повторно е сцена на вечер посветена на градот и на неговата музика.

Ве покануваме на 3 јули во Пациото на Завод и музеј, на вечер посветена на Битола, на нејзините музичари и на публиката што ја сака музиката.