Јаворка Витанова повторно на „Flowers Symphony“ – годинава со нова програма и омилената „Mamma“

Сопранот Јаворка Витанова повторно е дел од „Flowers Symphony“. Разговаравме за спомените од првото издание, енергијата на публиката, подготовките и композицијата „Mamma“.

Објавено 3 мин. читање

Сподели Facebook WhatsApp Е-пошта Линкот е копиран
Јаворка Витанова повторно на „Flowers Symphony“ – годинава со нова програма и омилената „Mamma“

По незаборавните настапи на минатогодишното издание, сопранот Јаворка Витанова повторно е дел од музичката приказна на „Flowers Symphony“. Годинава проектот се враќа со освежена програма во која се преплетуваат италијански канцони, оперски арии и познати филмски теми, во изведба на Оркестар DIVA, вокални солисти и хор.

Во пресрет на годинашните концерти, со Јаворка разговаравме за спомените од првото издание на „Flowers Symphony“, енергијата на публиката, подготовките зад сцената и композицијата „Mamma“, која за неа носи посебна емоција.

Кој момент од минатогодишниот „Flowers Symphony“ најмногу ти остана во сеќавање?

Секој концерт на „Flowers Symphony“ има своја убавина и остава различен впечаток. Настапот во Македонската филхармонија носи една посебна софистицираност и секогаш ми претставува огромно задоволство да бидам на таа сцена. Сепак, ако треба да издвојам еден момент што особено ми остана во сеќавање, тоа е концертот пред битолската публика во Хераклеја.

Амфитеатарот беше исполнет со прекрасна публика која ни ја пренесе својата позитивна енергија и несебична поддршка. Настапот на локалитет со толку богата историја и културно наследство создаде навистина уникатна атмосфера и направи тој концерт да остане трајно врежан во мојата меморија.

Како ја доживеа реакцијата на публиката на првото издание?

Публиката е најважната компонента на секој наш настап. Целиот труд, посветеност и работа добиваат вистинска смисла во моментот кога ќе застанеме пред неа и ќе успееме да ги пренесеме нашата музика и емоција.

На двата концерта реакцијата на публиката беше извонредна. Ни ја дадоа својата поддршка и не ги штедеа аплаузите и убавите зборови. Особено ми значи што нашата публика препознава квалитет, ја цени уметноста и секогаш ни дава дополнителен мотив да продолжиме да твориме.

Годинава повторно си дел од „Flowers Symphony“, но со освежена програма од италијански канцони, оперски арии и филмски теми. Која композиција најмногу ја очекуваш и што ти е најпредизвикувачко во нејзината интерпретација?

Програмата за овие два концерта е составена од внимателно одбрани композиции, од кои голем дел се добро познати на публиката што ја сака класичната и филмската музика. Италијанските канцони отсекогаш ми претставувале посебно задоволство за пеење, бидејќи во себе носат едноставна, а убава мелодија и силна емоција со која секој човек може да се поврзе.

Композицијата што би ја издвоила овојпат од програмата е „Mamma“, која има посебно место кај мене. Најголемиот предизвик во нејзината интерпретација е да се пренесе искрената емоција што ја носи композицијата – љубовта и благодарноста кон мајката.

Публиката го гледа само финалниот резултат, но зад еден ваков концерт стојат многу проби и лична подготовка. Како изгледа процесот на подготовка за ваков концерт?

Личната подготовка кај еден пејач е константна. Пеењето е дел од нашето секојдневие, затоа што ваквите настапи бараат вокална и физичка кондиција која се стекнува само со континуирана работа.

Процесот секогаш започнува индивидуално, најпрво со консултација меѓу диригентот Владимир и пејачот околу изборот на материјалот, особено за композициите што ги изведуваме заедно со Зана и Виолета. Кога ќе се утврдат материјалот и деловите за пеење, секоја од нас се подготвува индивидуално, по што следуваат пробите со Оркестар DIVA. На крај доаѓа генералната проба, а потоа и она за што сите се подготвуваме – концертот.

Што ново и поинакво може да очекува публиката од годинашното издание на „Flowers Symphony“?

Нашиот диригент Владимир секогаш наоѓа начин да ја збогати програмата и секој концерт да го направи поразличен и поинтересен од претходниот.

Овојпат на сцената како специјални гости ќе ни се придружат две прекрасни вокалистки, Билјана Талевска и Наде Талевска, кои верувам дека со своите изведби ќе го направат концертот уште поубав и повозбудлив за публиката.

Која твоја особина најмногу се открива токму на сцената?

Мислам дека на сцената најмногу се открива мојата искреност. Секој настап носи различна енергија и емоција, бидејќи секој ден е различен, а животните искуства природно влијаат врз начинот на кој ја интерпретираме музиката.

Понекогаш тоа е радост, понекогаш носталгија, љубов, сила… Секогаш се трудам емоцијата што ја пренесувам да биде вистинска, а верувам дека и публиката секогаш ја препознава искреноста.

Остануваат само уште неколку дена до новото издание на Flowers Symphony. Картите се веќе пуштени во продажба на yournextevent.info, Димпо Тобако (Битола) и кај Аждер (Охрид).

Интервјуто првпат е објавено на Црнобело, 12 август 2026.