Schiller за соработката со Битолскиот камерен оркестар

Во пресрет на „Stars Symphony“, Schiller зборува за претставувањето на својата музика со Битолскиот камерен оркестар на 20 мај во арената „Борис Трајковски“.

Објавено 3 мин. читање

Сподели Facebook WhatsApp Е-пошта Линкот е копиран

Во пресрет на „Stars Symphony“, Schiller зборува за претставувањето на својата музика со Битолскиот камерен оркестар. Концертот е закажан за 20 мај во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Разговорот се осврнува на адаптацијата на композициите и на средбата на електронските слоеви со оркестарските инструменти. Настапот е дел од програмата што ги обединува MTV Vol. 3 и Schiller Symphony.

Од електронскиот звук до акустичните инструменти

Schiller ја опишува соработката како процес во кој електронските композиции се приспособуваат на топлината и изразните можности на акустичните инструменти. Музиката што е создадена со синтисајзери и студиски слоеви не може едноставно да се препише за оркестар. Таа треба да се преосмисли, така што гудачите, дувачите и ударните инструменти ќе ја пренесат атмосферата и емоцијата на оригиналот на свој начин.

Во фокусот се задржувањето на нивната емоција и отворањето нов простор за интерпретација. Тоа е рамнотежа што бара заедничка работа на композиторот, аранжерите и музичарите, и токму во тоа лежи предизвикот на проектот Schiller Symphony.

Вовед во концертот

Разговорот е вовед во музичкиот пристап што публиката ќе го слушне на концертот и во заедничката работа што стои зад проектот Schiller Symphony. За нас, соработката со уметник од меѓународната електронска сцена е голема чест и нова етапа во развојот на оркестарот.

Оркестарот досега го поврзувавме со рокот, попот и македонската песна, а електронската музика ја допревме и на „Balkan Gala“ во 2021 година. Со Schiller одиме чекор подалеку, во свет во кој звукот се гради од слоеви, атмосфери и пулсирачки ритми, а целата програма е посветена на музиката на еден автор. Веруваме дека таа средба ќе ѝ понуди на публиката сосема ново искуство.

Патот на еден звук

Разговорот започнува со неговиот музички пат. Schiller раскажува дека сè почнало како страст кон синтисајзерите и експериментирањето со звукот, а прераснало во доживотно патување низ звук и емоција. Неговата музика се менувала низ годините, обликувана од средби, пејзажи и тивки моменти. Никогаш, вели, не следел мапа, туку само љубопитноста и желбата да ги допре срцата на луѓето.

Најголема инспирација за него е движењето, и физичкото и емотивното. Пространоста на пустината, тишината на нордиската зима или минливите чувства на една немирна ноќ, сето тоа го претвора во звук. Патувањата му ги изострувале сетилата, а во осаменоста ги наоѓал мелодиите што траат.

Музиката со нов глас

За настапот во рамки на „Stars Symphony“ вели дека е длабоко трогнат што својата музика може да ја претстави со камерен оркестар. Таквиот формат, според него, им дава интимност и префинетост на електронските слоеви, а топлината на гудачите и просторот меѓу нотите ѝ даваат на познатата музика нов, речиси етерен карактер.

Работата со Битолскиот камерен оркестар ја опишува како креативна авантура. Тимот внимателно го преработувал секое дело, оставајќи им на композициите да развијат пооргански, акустичен карактер. Музиката, вели, зборува со нов глас, но го задржува истото емотивно јадро.

Што да очекува публиката

На скопската публика ѝ ветува атмосферично доживување што го спојува пулсот на електронската музика со елеганцијата на класичните инструменти: моменти на тивок интензитет, филмски кулминации и неколку посебни изведби подготвени токму за таа вечер. Повеќе од концерт, вели, тоа ќе биде заедничко патување.

Од публиката посакува да си замине со чувство дека била пренесена надвор од времето и просторот, со поотворено и помирно срце. Во разговорот се навраќа и на настапот со истиот оркестар минатата година во Битола, кога првпат ја сподели сцената со него.

Се гледаме на 20 мај во арената „Борис Трајковски“.