Оригинално објавено на crnobelo.com

Во време кога оркестарската култура во Македонија се соочуваше со предизвици, една мала група музичари од Битола со голема визија успеаја да создадат нешто што денес е препознатливо на национално и регионално ниво.

Владимир Димовски, по професија виолист, диригент по талент и страст, основач на Националната Установа Камерен Оркестар на Битола и раководител на Оркестар DIVA, веќе една деценија стои зад најпознатите проекти во земјата: Flowers SymphonyStars SymphonyВиена во БитолаRock SymphonyMTV The Greatest Hits и многу други.

Со тим на посветени музичари и со публика што расте од концерт до концерт, Димовски ја обнови оркестарската традиција во Битола, создаде нов современ звук и успеа да го подигне оркестарот таму каде што претходно никој не веруваше дека ќе стигне – од локални сцени, до стадион со над 5000 посетители и до награда „Златна бубамара на популарноста“ за најпопуларен оркестар во 2024 година.

Во ова интервју тој зборува за почетоците, тешкотиите, ревитализацијата, создавањето на институцијата, ребрендирањето во DIVA, односот со публиката и патот што следува во 2026 година.

1. Како започна вашата приказна со оркестарот и што ве мотивираше да ја оживеете оваа традиција?

Сè започна од љубов кон музиката и од чувство на обврска кон градот во кој пораснав. Во времето кога се чинеше дека оркестарската култура е заборавена, неколкумина музичари од Битола решивме да покажеме дека љубовта кон музиката и кон градот може да направи чуда. Така во 2013 година со многу љубов, визија и упорност го оживеавме оркестарот. Тоа беше почеток на пат кој денес, кога ќе се погледне наназад, изгледа неверојатно долг и вреден.

2. Првите години сигурно не беа лесни. Со што се соочувавте и што ве одржа да продолжите?

Се соочувавме со речиси сè,  недостиг на финансии, простор, поддршка, понекогаш и разбирање. Но имавме нешто што не може да се купи, а тоа е верба. Верба во идејата, во трудот, во тимот и во музиката. Тоа беше доволно да продолжиме, чекор по чекор. И секој аплауз од публиката беше доказ дека сме на вистинскиот пат.

3. Кои се моментите што најмногу ве обликуваа како уметник?

Секој концерт е момент што те менува. Но, најмногу ме обликуваа ситуациите кога мораш да бидеш и диригент, и организатор, и мотиватор, и пријател. Кога ќе ја видиш искрата во очите на музичарите и задоволството кај публиката тогаш знаеш зошто го правиш тоа.

4. Како гледате на институционалниот развој на оркестарот?

Создавањето на Национална Установа Камерен Оркестар на Битола е нешто на што сум исклучително горд. Патот до нејзиното создавање беше долг и тежок, но вредеше. Конечно, градот има институција која ја негува класичната уметност, има вработени музичари, сопствена програма и иднина. Тоа е голема победа не само за нас, туку и за културата во Македонија.

5. Колку е важно за еден град како Битола да има оркестар?

Не е само важно, туку е неопходно. Оркестарот е огледало на духовниот живот на градот. Тоа е институција што обединува генерации, создава уметност, образува млади, инспирира.

6. Покрај тоа што вие го основавте НУ Камерен Оркестар на Битола, оркестарот кој функционираше под здружение, продолжи со работа а Вие неодамна го ребрендиравте. Што ве водеше кон промената и што симболизира новото име?

Ребрендирањето беше природен чекор. Изминатите две години се создаваше забуна меѓу институционалниот оркестар (релативно млад, основан 2023 година) и оркестарот што продолжи да функционира преку здружението „Мјузик Арт – Битола“ со долга историја од 2013 година (сега Оркестар ДИВА). Покрај тоа, имаше и друга причина оркестарот порасна, а DIVA е симбол на зрелост, уметнички врв и храброст да се оди напред. Историски гледано, составот на Оркестар ДИВА поминува низ три етапи:

* Камерен оркестар на Битола – Ова беше името под кое оркестарот го стекна своето најдолго постоење (од 2013 до 2023 година). Под ова име, составот настапуваше низ цела Македонија и стекна првичен регионален углед.

* Битолски Камерен Оркестар

По основањето на Националната установа во 2023 година, одлучив историското име „Камерен оркестар на Битола“ да ѝ припадне токму на новоформираната институција. Со ова, оркестарот што продолжи да функционира како независен уметнички состав влезе во транзициски период и го носеше името „Битолски Камерен Оркестар“ сѐ до финалното ребрендирање во Оркестар DIVA.

* Оркестар DIVA – новиот идентитет

Со растечката потреба за сопствен, силен, современ уметнички бренд, оркестарот се ребрендира во Оркестар DIVA.

7. Колку е важно оркестарот да се прилагоди на новото време?

Прилагодувањето на новото време е неизбежно. Денес публиката е поинаква, побрза, визуелна. Затоа го дигитализиравме начинот на кој настапуваме на поп и рок проектите со воведување на електрични инструменти и современ сценски пристап. Но она што останува исто е суштината, а таа е дека вистинската музика секогаш е жива, без разлика на технологијата.

8. DIVA во музиката значи врв. Како го доживувате тоа име во контекст на вашиот оркестар?

За мене, DIVA не значи егото на уметникот, туку зрелост и достоинство на оркестарот. Тоа е пат од скромни почетоци до културна зрелост. DIVA е почеток на една нова етапа во која се спојуваат искуството, знаењето и технологијата.

9. Како ја гледате врската меѓу Националната Установа и DIVA?

Тоа се две приказни што се надополнуваат. Националната Установа ја негува класиката, традицијата и академскиот пристап, додека DIVA е живиот, динамичен и современ израз на истата љубов кон музиката. Двете се дел од ист корен.

10. Велите дека оркестарот постои „поради и заради публиката“. Што значи тоа за вас?

Едноставно е, сè што правиме секоја нота, секој концерт, секој ризик, го правиме поради луѓето кои доаѓаат, слушаат и чувствуваат. Без публиката, нема енергија, нема смисла, нема музика.

11. Колку публиката ве мотивира да создавате нови проекти?

Кога ќе видите полна сала и кога ќе почувствувате дека луѓето заминуваат со емоција, тоа е најголемата награда. Македонија има публика што разбира, што сака и што вреднува квалитет.

12. По големите проекти како Flowers Symphony, Stars Symphony и MTV Greatest Hits, што следува во 2026 година?

Продолжуваме во истиот дух и со истата енергија кон нови симфониски споеви, гостувања и регионални соработки. Сакам DIVA да стане симбол на современиот македонски музички дух пример дека класиката може да живее и во XXI век, на свој, модерен начин.

13. Како ја гледате иднината на македонската оркестарска сцена?

Иднината е ветувачка, но бара систем, континуитет и верба. Имаме талент, имаме публика, треба само да создадеме средина каде музичарите ќе можат да работат, да растат и да создаваат.

14. Ако треба со една реченица да ја опишете вашата мисија како уметник?

Да покажам дека уметноста не е луксуз, туку е потреба. И дека од Битола може да тргне нешто што ќе стане светско, а ќе остане наше.

15. И за крај, оваа година ја добивте и наградата „Златна бубамара на популарноста“ за најпопуларен оркестар во 2024 година. Што значи ова признание за вас?

Тоа признание го доживуваме како потврда дека публиката во Македонија го препознава квалитетот на тоа што го работиме. Многу ни значи што луѓето нè следат, што доаѓаат на нашите концерти и што ја споделуваат енергијата со нас. Благодарни сме за големата посетеност на сите наши проекти, и се надеваме дека во иднина нема да ги разочараме со нашите проекти. А за 2026 година ветуваме нови проекти за сите генерации.

Категорија: